Роман Абрамович – опасност за јавната безбедност во Швајцарија

Роман Абрамович се соочува со сериозен проблем да најде нова држава каде би престојувал, откако по Англија, сега и Швајцарија реши да не му излезе во пресрет на неговото барање за жителство. Газдата на Челси поради заладените односи меѓу Лондон и Москва не го доби посакуваното продолжување на визата, поради што во меѓувреме зеде израелско државјанство.

Сепак, негова желба беше да продолжи да живее во Западна Европа, поради што се обиде да префрли дел од капиталот во Швајцарија, но беше одбиен од страна на властите во оваа земја.

Како што јавуваат медиумите од оваа земја, барањето на Русинот било одбиено бидејќи „тој претставувал потенцијална опасност за јавната безбедност во Швајцарија“, откако федералната полиција покренала истрага поради „наводни контакти со криминални организации и сомнежи за перење на пари“. Сосема очекувано, адвокатите на Абрамович ги демантираа ваквите информации.

Во меѓувреме, британските медиуми јавуваат дека Русинот е подготвен да го продаде Челси, но бара три милијарди евра за клубот од „Стемфорд бриџ“.

Се вчитува...