За вкупно пет дена колку што македонските навивачи престојуваа во престолнината на Романија потрошиле околу 450.000 евра, велат официјалните информации на Управата за јавни приходи на Романија, согласно пресметките од локалите, клубовите и рестораните во кои главно минуваа време Македонците во центарот на Букурешт.
Според информациите од Романија, околу 4.000 македонски навивачи, колку што минаа низ Букурешт, испиле меѓу 70.000 и 75.000 литри пиво. Сето тоа беше и повеќе од интересно за романските медиуми за кои, поради неучеството на нивната репрезентација, во преден план беа токму македонските фанови кои уживаа во центарот на Букурешт, притоа без ниту еден единствен инцидент во текот на шест дена.
Ако се погледнат деталните податоци од официјалните статистички информации на Романците, Македонците за 96 часа во само пет локали во стариот дел на градот успеале да испијат околу три цистерни пиво, ако се знае дека капацитетот на една цистерна е 25.000 литри.
Највисоката фискална сметка издадена во еден од рестораните каде престојуваа Македонците изнесувала околу 5.000 евра, а забележани се бројни со цех над 3.000 евра. Вкупно локалите и рестораните во Букурешт за пет дена престој од Македонците заработиле 450.000 евра, информираат романските медиуми согласно официјалните податоци од државните институции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА