Македонскиот фудбалски прволигаш, Работнички утре со гостински меч против Торпедо-Белаз ќе ја отвори европската авантура летово.
Тренерот на „романтичарите“, Бојан Маркоски вели дека добро го имаат анализирано противникот и дека верува во поволен резултат пред реваншот во Скопје.
„Време е за европскиот предизвик. Се подготвувавме за ова, го анализиравме противникот, Торпедо-Белаз е квалитетен тим, но ние сакаме позитивно да го стартуваме ова европско лето. Верувам во тимот, ќе сториме сѐ да оствариме посакуван резултат и реваншот во Скопје по седум дена да го дочекаме со еден чекор поблиску до пласман во следното квалификациско коло. Работнички по седум години е повторно во Европа, и тоа апсолутно нѐ мотивира сите да дадеме и повеќе од максимум, и овде во Унгарија, како и на вториот меч во Скопје“, изјави Маркоски.
Слично размислува и искусниот Бесир Демири…
„Се подготвувавме за ова, уште од првиот ден, кога почнавме со работа во оваа нова сезона. Тимот е подготвен за предизвикот, имаме своја цел и веруваме дека ќе ја исполниме доколку ја спроведеме на дело стратегијата на шефот на стручниот штаб Бојан Маркоски. Новите засилувања одлично се вклопија, атмосферата е на највисоко ниво и сите сме максимално фокусирани на утрешниот прв дуел со Торпедо-Белаз. Нѐ очекува голема битка, а се надеваме дека на крајот ќе има позитивен изход за нас“, вели Демири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

