Македонскиот претставник во Лигата на Европа, тимот на Работнички, со предност од 2-1 ќе патува во Будимпешта, на реваншот против унгарскиот Хонвед, во рамките на воведното коло од ова натпреварување. Петар Петковски и Николче Шаркоски беа стрелци на головите за „романтичарите“, а Герг Наѓи погоди за унгарскиот тим. Возвратниот дуел се игра за шест дена, во Будимпешта.
Стјепановиќ се закани од слободен удар во 12.минута, но шутираше за малку над голот на Гроф. Напаѓачот на гостите, Данило, упати силен шут во 18.минута, Божиновски успеа да одбрани, а Најдовски ја исфрли топката во корнер.
Работнички поведе во 33.минута. Пеев одлично го проигра во празно Петар Петковски, тој излезе сам пред голманот на Хонвед, и успеа да го совлада.
Пред самиот истек на првиот дел, Хонвед сепак стигна до израмнување. Без некоја посебна опасност, играчот за врска Герг Наѓи се одлучи за удар од голема далечина, и со извонреден шут од 30 метри погоди во горниот десен агол од голот на Божиновски. Унгарскиот тим со 1-1 замина на одморот.
„Романтичарите“ сепак беа поактивни во второто полувремем барајќи победа на првиот натпревар од воведното коло во квалификациите од Лигата на Европа. Во 60.минута, Стевановиќ испрати центаршут од левата страна, а Николче Шаркоски со полуволеј од десетина метри ја затресе мрежата на Давид Гроф.
Даниел Газдаг во 77.минута имаше убава можност повторно да израмни, но, за среќа на „романтичарите“, не беше прецизен. Три минути подоцна Работнички можеше до 3-1, но гостинскиот голман во последен момент спаси сигурен погодок. Самиот погреши, но успеа да се исправи пред топката да ја мине гол – линијата.
ЛИГА ЕВРОПА, ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО
РАБОТНИЧКИ – ХОНВЕД 2-1 (1-1)
Комплекс на ФФМ. Гледачи: 1.000. Судија: Кристо Тонвер (Естонија). Стрелци: Петковски 33’, Шаркоски 60’ (Работнички), Наѓи 45’ (Хонвед). Жолти картони: Херера, Стјепановиќ (Работнички), Батик (Хонвед).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Стевиќ, Најдовски, Митрев, Херера, Пеев, Стјепановиќ, Стевановиќ (88’ Садики), Бопесу, Шаркоски (70’ Ф. Петковски), П.Петковски (79’ Гофри).
ХОНВЕД: Гроф, Холендер, Шкворц, Батик, Узома (72’ Кукоч), Камбер, Вадоч, Газдаг, Наѓи (88’ Бамба), Лукач (68’ Мајер), Данило.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА