Македонскиот прволигаш Работнички се врати од Анталија и подготовките за стартот на пролетниот дел од шампионатот ги продолжува во Скопје. „Романтичарите“ в сабота ќе ја имаат последната проверка на формата против босанскиот прволигаш Крупа.
„Ќе одиграме „генералка“ против босанскиот прволигаш Крупа, кој беше на подготовки во Охрид и на 11.февруари ќе допатува во Скопје за да го имаме последниот тест пред продолжението од првенството. Сега треба веќе да се фокусираме на глазура на формата и последни подготовки пред пролетниот старт“, изјави шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски, за официјалниот сајт на клубот.
Тој е задоволен од реализираното во турскиот туристички центар Анталија, каде „романтичарите“ одиграа неколку пријателски натпревари.
„Имавме одлични услови за работа во Анталија, ги искористивме максимално, избегнувајќи го снежниот период кој владееше во Македонија. Одигравме неколку пријателски натпревари на кои шанса добија сите фудбалери, среќни сме што немаше повреди, и можам да дадам генерална оценка дека сум задоволен од тоа што го одработивме во Турција. Сега ни останува да ја направиме глазурата во Скопје, со оглед дека целта ни е да бидеме максимално подготвени за мечот против Македонија ЃП и за пролетниот дел од сезоната“, истакна тренерот Виктор Треневски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА