Машката ракометна репрезентација на Македонија утре во Скопје ја пречекува Романија во првиот натпревар од баражот за пласман на СП 2019 во Германија и во Данска, реваншот е три дена подоцна во Клуж. Искуството и континуитетот во настапите на големите натпреварувања ги става македонските ракометари во фаворитска улога, но Романците истакнуваат дека тоа нив ги растоварува од притисокот и може да им оди во прилог во претстојниот двомеч.
Десното крило на репрезентацијата на Романија и на францускиот Трембле, Мариус Садовек, истакнува дека се фокусирани на тешкиот меч што ги очекува утре во Скопје и се надева дека може да го изненадат фаворитот во овој дуел.
„Ние не сме играла на Светско првенство уште од 2011 и многу го посакуваме тој пласман. Македонија стартува како фаворит бидејќи тие имаат многу поголемо меѓународно искуство од нас на Европските и на Светските првенства ки имаат играчи што настапуваат во големи клубови во Европа. Но, спортот е убав затоа што во него секогаш има изненадувања“ – вели Садовек.
Селекторот Чави Пасквал за претстојниот бараж со Македонија, не може да смета на најдобриот романски ракометар, Александре Шимицу, а поради повреди настапот од составот отпаднаа и Кристијан Фенич, Рамон Сомлеа и Габриел Бурлаку.
Првиот натпревар од баражот се игра утре (20.30 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Реваншот е на 13 јуни (18.30 ч.) во салата „Хориа Демиан“ во Клуж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА