Кошаркарската репрезентација во второто коло ја забележа и втората победа од претквалификациите за Евробаскет 2021, овојпат на домашен терен над Романија со убедливи 90-76. По овој триумф, надополнет со оној о Приштина од пред неколку дена, „црвено-жолтите“ се зацрстија на првото место на табелата, значително зголемувајќи си ги шансите за пласман во главните квалификации за Евробаскет 2021.
Македонските кошаркари премногу опуштено во нападот влегоа во натпреварот, Романците поведоа со 4-6, потоа и со 6-9. Давитков го уфрли во игра Костоски, но се уште бевме предалеку од посакуваното ниво, па кога гостите стигнаа до 13-17 македонскиот селектор немаше друг избор освен да побара минута одмор. Војдан Стојановски по тајмаутот возврати со четири поени во низа, за со тројката на Костоски да ја добиеме стартната четвртина со минимални 20-19, и покрај слабото функционирање на дефанзивниот скок, доволувајќи им неколку повторни обиди на гостите.
Во втората четвртина излеговме со речиси целосно изменета петорка (покрај Дамјан Стојановски, на теренот беа Крстевски, Младеновски, Ѓуроски и Костоски), но повторно се соочувавме со проблеми во нападот, скок-играта повторно ни создаваше проблем, па на половина од овој дел од мечот пвоторно имавме само еден поен предност (29-28). Во 16.минута Македонија со поените на Војдан Стојановски се одлепи на „плус пет“ (35-30), аларм за романскиот селектор да побара тајмаут. Серијата на Македонија продолжи, па при првата двоцифрена предност за нашиот состав (40-30), гостинскиот кормилар повторно побара минута одмор, овојпат на 74 секунди до крајот на полувремето. Овојпат советите вродија со плод, па Романците експресно ја преполовина предноста на „црвено-жолтите“, пред Војдан Стојановски со тројка со звукот на сирената да ги постави конечните 43-35 по 20 минути игра.
Второто полувреме во голем стил го отвори Дамјан Стојановски, со две тројки за една минута и водство од 49-35. Разликата во квалитет стануваше се поочигледна, проработе и скокот под нашиот кош, за при водство на Македонија од 53-38 гостите повторно да побараат минута одмор. Убедливото водство како да ги опушти македонските репрезентативци, водството најпрвин падна под десет (61-52), но пред крајот на четвртината се разбудија и на одмор заминаа со 67-52.
Пад во концентрацијата и една наивна грешка (пет секунди) на Караџовски овозможи Романија со пет поени во низа експресно да намали на 67-57, пред првите поени за Македонија во последната четвртина да ги постигне Ѓуроски. Во ритам влезе романскиот Американец Вотсон со нова тројка, но ние во своитередови го имавме Војдан Стојановски. Капитенот при „плус девет“ најпрвин украде топка, а потоа со маестрален влез и додавање ја почна новата серија, со која со поените на Трајковски повторно дојдовме до „плус 15“ (81-66). И повтоно пад на концентрацијата во финишот што им дозволи на гостите да ја намалат нашата предност, и будење во последната минута, за со тројката на Бојан Трајковски да се стигне до конечните 90-76.
Војдан Стојановски одигра одличен меч со 21 поен, 13 скокови и пет асистенции, 21 поен постигна и Бојан Трајковски, 14 реализираше Хендрикс, а 13 Костоски за нашиот состав.
Македонија наредниот натпревар од овие претквалификации го игра на 2 декември, на домашен терен против Косово, на кој триумф ќе ни го трасира патот кон главниот квалификациски циклус за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА