Кристијано Роналдо со хет-трикот против Шпанија остави најсилен впечаток во првото коло на Мундијалот, но Ромелу Лукаку е во групата на играчи кои со два гола му порачаа на Португалецот дека нема лесно да прошета до титулата најдобар стрелец на СП во Русија. Напаѓачот на Манчестер јунајтед постигна два гола за Белгија во дуелот против Панама. Упорноста е негов белег уште од детството во кое морал да преброди многу тешки моменти.
Некогаш сиромашното момче од Антверпен, денеска е еден од десетте најдоброплатени фудбалери во светот. Во колумната за сајтот „The Players Tribune“, Лукаку открива што се морал да преброди на својот пат до успехот.
„Се сеќавам точно на моментот кога сфатив дека сме „шворц“. И ден-денес ја гледам таа сцена пред очите. Мајка ми покрај фрижидрот. И тој израз на лицето… Имав шест години и за време на школскиот одмор доаѓав дома на ручек. Секој ден исто мени – леб и млеко. Кога си мало дете, не размислуваш за тоа. Сигурно тоа било единственото што моето семејство можело да си го дозволи. Еден ден стигнав дома, влегов во кујната. Мајка ми стоеше покрај фрижидерот со кутијата со млеко, како и секогаш. Но овој пат нешто мешаше со млекото. Ја протресуваше кутијата. Не разбрав веднаш. Кога ми го донесе ручекот, а се смееше како да е се во ред, сфатив. Мешала вода во млекото. Немавме пари да ја истераме целата недела. Не бевме сиромашни. Бевме шворц…“– се присетува Лукаку на тешките денови од детството.
Неговиот татко бил фудбалер, не премногу добар. Потрошил се што заработил уште пред да ја заврши кариерата.
„Прво прекина кабловската. Немаше веќе фудбал…Потоа немавме и струја. Некогаш и по две-три недели бевме без светло. Немаше топла вода за туширање, па мајка ми загреваше вода на шпоретот и ме полеваше. Имаше моменти кога мораше да позајмува леб од пекарата од спроти. Знаев дека се мачиме. Но, моментот кога мешаше вода во млекот? Мислам дека тоа го промени целиот мој живот.Не велев ништо, само го изедов ручекот, не сакав да ја растажувам. Но, се колнам во Бога, тој ден си ветив себе си дека ќе успеам. Како некој да кликна со прстите и да ме разбуди. Знаев точно што морам да направам. Не можев да ја гледам мајка ми да живее така. Не, не. Не. Тоа не може“ – раскажува белгискиот репрезентативец.
Ромелу имал шест години гога го прашал татко му кога ја почнал професионланата фудбалска кариера. Му одговорил – на 16. И Ромелу си поставил цел.
„Ќе се случи тоа…“
И, тогаш почнува . Секој натпревар, дури и оние детските во парк, ги игра како да се на живот и смрт.
„Ја кинев топката секогаш кога ќе ја шутнев. Со полна сила. Нема финти. Јас не израснав на плејстејшн. Не си играв…“
Ромелу Лукаку си поставил цел решен да ја исполни својата задача. На 12 години на 34 натпревари постигнува 76 гола. И ветил на мајка му дека на 16 години ќе има професионален договор. Задоцни само 11 дена…
Во сезоната 2008/2009 едвај играше во У19 селекцијата на Андерлехт. Таа сезона мораше да потпише договор. И неговата упорност на крај се исплати.
„Се обложив со тренерот. Му реков: „Ако ми дадеш да играм, ветувам 25 гола до декември“. Се смееше. Буквално. Тогаш му реков: „Ајде да се обложиме“. Се согласи. Ако не успеам, одам на клупата. Ако успеам ти ќе мора да ги чистиш комбињата што ги носат играчите дома после тренинг“. Се согласи. И тоа му беше најглупавата кладба во животот. До ноември дадов 25 гола. Пред Божик веќе јадевме палачинки. Тоа беше лекција – не си играј со гладно дете“
Во мај 2009 година му се јавува тренерот на резервниот тим. Андерлехт игра против Стандард за шампионската титула во Белгија. Сите играчи излегуваат од автобусот во маркирана опрема, а Ромелу во стара износена тренерка. Во 63.минута влегува на терен. Има 16 години и 11 дена. Андерлехт го загуби мечот, но тој успеа. Следната сезона во училиште оди со голема торба за да може веднаш после часовите да стигне на аеродром и да патува на натпреварите во Лига Европа. Потоа и во Лигата на шампионите. Натпревари по кои копнееше во годините кога во неговиот дом немаше кабловска. Ни струја. Ни доволно млеко…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА