Репрезентацијата на Белгија се повеќе се наметнува како еден од претендентите за највисок пласман на Светското првенство во Русија. По два одиграни натпревари, Белгијците се меѓу осминафиналистите по двете убедливи победи над Панама и над Костарика. Во завршното коло, Белгија и Англија ќе решаваат за првата позиција во оваа конкуренција.
Ѕвездата од Манчстер јунајтед, Ромелу Лукаку, еден од многуте од премиерлигашката колонија, смета дека неговиот национален тим треба максимално да ја искористи шансата која е отворена.
„Ова би можел да биде последен голем настан за неколку фудбалери од оваа генерација, затоа ние играме за нив и за да испишеме историја. На претходните собири си ја поставувавме целта многу високо и потоа не го остварувавме замисленото. Затоа, сега се обидуваме да уживаме и паралелно да направиме успех. Кога ќе се пронајде вистинскиот баланс тогаш се стигнува до сонот“ – вели Лукаку, кој се израмни со Кристијано Ронало со по четири постигнати гола по две одиграни средби.
Репрезентацијата на Белгија чекаше цели 12 години за пласман на Светско првенство пред да биде дел од Мундијалот пред четири години. На Европското првенство во 2016 година загуби во четвртфиналето од селекцијата на Велс.
Белгијците одмораат до четврток кога ќе се соочат со Англија во третото коло од групата. Селекторот Роберто Мартинез најави можност да одмори дел од клучните играчи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА