Кристијано Роналдо стои зад својата одлука да си замине од Реал Мадрид и нема намера да го промени својот став без оглед на обидите на „кралскиот клуб“ да го задржи во своите редови. „Бомбата“ сабајле прв ја објави португалскиот весник „А Бола“, потоа ја пренесоа бројни медиуми ширум Европа и светот, а кога ќе ја потврди и „Марка“ како весник најблизок до раководството на Реал, јасно е дека ситуацијата е и повеќе од сериозна за најтрофејниот европски клуб.
Згора на тоа, мадридскиот весник вечерва објави и дека Кристијано воопшто не е расположен за разговори со клубот, посочувајќи дека одлуката е конечна.
„Си одам од Мадрид, нема враќање“ – им открил Роналдо на соиграчите од португалската репрезентација, кои и самите биле изненадени од ваквиот развој на настаните непосредно пред стартот на Купот на Конфедерациите во Русија.
„Кралевите“ најавија дека нема да се откажат и ќе сторат се да го убедат својот голем ас да остане, но доколку не успеат во тоа челниците на Реал експресно ќе ја почнат потрагата по негов наследник. На врвот на листата со желби се наоѓа Килијан Мбапе од Монако, заедно со Еден Азар од Челси и Пауло Дибала од Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА