Роналдо е бесен во Манчестер – има само еден услов за да остане

Кристијано Роналдо пристигна како големо засилување во Манчестер Јунајтед, но лесно може да се случи португалската мегаѕвезда по само една сезона да се спакува и да си замине од „Олд Трафорд“.

Одличниот голгетер воопшто не е задоволен од резултатите на екипата, која уште во декември ги загуби сите шанси во борбата за титулата. Јавна тајна беше дека Кристијано е незадоволен од тактичките замисли на Оле Гунар Солскјер, но ситуацијата не се подобри ниту со доаѓањето на Рангник. Германскиот стратег инсистира на пресинг од офанзивните фудбалери, но проблем е што Јунајтед не создава шанси за гол, нешто што особено го фрустрира Роналдо.

Британските медиуми тврдат дека тој веќе испратил и порака до управата – дека е подготвен да си замине доколку не му биде исполнет еден услов. Имено, Роналдо сака и тој да учествува во изборот на нов тренер, сметајќи дека ќе знае да процени тренер со кого Јунајтед би можел да атакува на трофеи во новата сезона.

Добро познато е дека Роналдо би сакал пак да игра за Зинедин Зидан, но проблем е што Французинот начелно е договорен со ПСЖ, па како главна опција за Јунајтед повторно се споменува Покетино. Засега не е познато каков е ставот на Кристијано за евентуалното доаѓање на аргентинскиот стратег на „Олд Трафорд“, но доколку резултатската криза се продлабочи лесно може да се случи Португалецот да ги реализира најавите за заминување од клубот.

Се вчитува...