Роналдо го брка рекордот на Пеле

Кристијано Роналдо ќе се врати во Торино за да се приклучи на подготовките на Јувентус, а Португалецот е максимално мотивиран за што поскоро да дојде до продолжение на натпреварувањето во Серија А. Меѓу другото, и поради неговата голема желба час поскоро да го урне рекордот на Пеле, за најголем број на погодоци на одиграни официјални натпревари.

Бразилскиот великан има над 1.000 постигнати голови во кариерата, но кога станува збор за официјалните натпревари, зад неговото име се запишани 694 средби и 650 постигнати погодоци. Роналдо моментно се наоѓа на 626 гола (на 828 натпревари) и сезонава најверојатно нема да може да го стигне Пеле, но нема сомнеж дека рекордот на Бразилецот ќе биде урнат во текот на следната сезона.

„Тоа е опсесија, за него тоа е потполна опсесија. Да постигне што повеќе голови, да тренира секој ден за да си ја сочува формата. Колку што е повозрасен, толку е поголем професионалец. Немам дилема дека Кристијано ќе игра до 40-годишна возраст и дека една од желбите му е да го урне рекордот на Пеле“, изјави Гери Невил, кој неколку сезони му беше соиграч на Португалецот во Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...