Новата сезона во Саудиска Арабија почна неодамна, но на Кристијано Роналдо веќе му е јасно дека неговиот Ал Наср има минимални шанси да стигне до титула крај моќниот дрим-тим на Ал Хилал.
Португалецот ќе се бори за што подобар пласман сезонава, но веќе почна со консултации со управата за создавање на моќен тим за 2025/26, кога според него Ал Наср би можел да стане шампион, доколку крај себе го има Кевин де Бруине. Белгиецот станува слободен играч следното лето, преговорите за нов договор со Манчестер Сити веќе извесно време се без посериозен напредок, а самиот Кристијано веќе го контактирал извонредниот плејмејкер, почнувајќи да го убедува да му се приклучи во Саудиска Арабија.
Белгиецот во текот на изминатото лето изјавуваше дека во оваа држава може да заработи за две години колку што заработил вкупно во текот на целата кариера, а понудата од Ал Наср само го потврдува тоа. Како што јавуваат британските медиуми, фудбалскиот волшебник би имал плата од еден милион евра неделно доколку реши да ја прифати понудата на Ал Наср, или над 100 милиони евра за две години минати во дресот на Ал Наср.
Се чини понуда премногу добра за да биде одбиена, но последниот збор сепак ќе го има Кевин де Бруине…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА