Кристијано Роналдо останува фокусиран на задачата со Португалија да ја одбрани европската круна освоена пред пет години на ЕВРО 2016, но неговиот агент Жорге Мендеш истовремено работи активно за што поскоро да ги разреши дилемите околу клупскиот ангажман на португалската суперѕвезда.
Проблемот е јасен – платата од 31 милион евра што Јувентус треба да му ја исплати на Кристијано, сума што е превисока за „старата дама“ по големата финансиска криза во клубот. Новиот тренер Алегри смета дека Роналдо не му е неопходен во клубот и е подготвен да го пушти да си замине, но во Европа речиси и да нема клуб што би ја покрил платата на големиот ас. Поточно, ПСЖ е единствениот тим што покажал посериозен интерес, откако и Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед веднаш по првичните разговорите се повлекле од трката.
„Светците“ немаат намера да му дадат на Роналдо 31 милион евра за една година, но би му понудиле околу 45 милиони за две сезони, опција што е интересна за Кристијано. Јувентус би барал околу 30 милиони евра за трансферот, но не се исклучува можноста „старата дама“ во размена за него да го побара Мауро Икарди, играч што Алегри во минатото се обидуваше да го доведе во Јуве.
Останува да се види дали ПСЖ ќе формира најдобро напаѓачко трио Нејмар – Роналдо – Мбапе, или доаѓањето на Португалецот би значело и продажба на Мбапе, чиј договор истекува на крајот од новата сезона и следното лето би можел да си замине без никаква отштета.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА