Кристијано Роналдо делуваше исфрустрирано на синоќешниот дуел со Грузија, откако португалскиот великан не успеа да го најде патот до мрежата на противникот, а неговата селекција беше шокирана со 0-2 од дебитантот на големите натпреварувања.
Поразот не остава преголема трага бидејќи Португалија остана на првото место во групата, но на Роналдо за првпат му се случи да не постигне гол во групната фаза од едно големо натпреварување. Серијата почна уште на ЕВРО 2004 во Португалија, оттогаш Кристијано на сите европски и светски првенства успеваше да постигне барем еден погодок за време на групната рунда, но летово во Германија тој не е на посакуваното ниво, промаши неколку стопроцентни шанси, често се жалеше на судиските одлуки и остана со само една асистенција зад своето име.
Згора на тоа, ова е прв пат Роналдо да биде без постигнат гол на четири меч во серија на европските шампионати, уште една причина за загриженост во португалскиот табор ако се знае дека селекторот Мартинез јасно стави до знаење дека големиот ас ќе му биде прва опција во нападот на овој шампионат.
Португалија во осминафиналето ќе се сретне со Словенија, дуел на кој Кристијано дефинитивно ќе се обиде да го прекине својот голгетерски пост.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА