Легендарните бразилски фудбалери Роналдо и Ривалдо дадоа свое мислење за „кариоките“ пред стартот на Светското првенство во Катар. „Кариоките“ патот до шестата тиула на Мундијалите ја почнуваат со дуелот против Србија на 24. ноември.
Легендарниот Бразилец, Роналдо кој последен ја донесе „Златната божица“ во Бразил, вели дека мора со победа да се отвори шампионатот, бидејќи секогаш кога добро отворале на крајот стигале и до трофејот.
„Историјата покажува дека кога ќе почнеме добро, се завршува добро. Првиот меч во групата е многу важен. Имаме обврска да ја победиме Србија на самиот старт“, изјави Роналдо.
Ривалдо отиде чекор подалеку и истакна дека селекцијата на Тите нема да има никакви проблеми на трите натпревари во групата Г.
„Не треба да имаме никакви проблеми во групната фаза, но вистинското Светско првенство започнува во нокаут рундата, тоа е она што секогаш го велам. Тоа е прашање за сосема други работи. Гледајќи го нашиот квалитет во однос на нашите ривали, треба да победиме на сите три натпревари во групата без никакви проблеми“, истакна Ривалдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА