Роналдо ја откачи „Старата дама“ – Португалецот им признал на соиграчите дека го напушта Јувентус

Кристијано Роналдо има уште една година од договорот со Јувентус, но се чини дека ќе ја заврши својата кариера во Торино порано од планираното. После тешката и турбулентна сезона, во која Јувентус единствено го освои Купот победувајќи ја Аталанта во финалето и едвај обезбедувајќи пласман во Лигата на шампионите, Роналдо заминува на кратка пауза, а потоа со мислите ќе се насочи единствено кон новиот предизвик со Португалија на Европското првенство.

Но, прашањето е каде тој ќе се врати по завршувањето на ЕВРО 2021. Во Торино, се чини, нема. Според италијанските медиуми, Португалецот им признал на соиграчите во Јувентус дека си заминува ова лето.

Роналдо пристигна во Јувентус во 2018 година, но 36-годишниот не успеа да го донесе трофејот во Лигата на шампионите, а деветгодишната доминација на Јувентус на Апенините беше прекината. Со оглед на тоа што тој заработува над 30 милиони евра по сезона, Јувентус одлучи дека е време за ремонт, и дека Роналдо може да бара нов клуб.

Неговите поранешни тимови Манчестер Јунајтед и Спортинг се поврзани со романтично враќање на нивната поранешна ѕвезда, откако Реал Мадрид ја одби можноста повторно да го ангажира. За време на неговиот тригодишен престој во Торино, Роналдо постигна 101 гол во дресот на „Старата дама“ и забележа 22 асистенции во сите натпреварувања. Исто така, медиумите наведуваат дека новиот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри не го ставил во плановите Роналдо, па останува Јувентус сега да ја одреди цената и да ја чека првата реална понуда за Португалецот.

Се вчитува...