Кристијано Роналдо се врати на тренинзите на Јувентус, директорот Недвед изјави дека Португалецот сигурно ќе остане во клубот и во наредната сезона, но последните информации говорат дека суперѕвездата сериозно ја разгледува можноста за заминување од Јуве во овој преоден рок. Роналдо не е задоволен од односот на соиграчите, а згора на тоа за тренер беше вратен Алегри, кому не му се допаѓаше однесувањето на Кристијано пред две сезони, што беше и една од причините за негово напуштање на клупата на „старата дама“.
Кристијано сака да си замине, но проблем е што тешко се наоѓа клуб кој би можел да ја покрие неговата плата од 31 милион евра за наредната сезона. Карло Анчелоти не крие дека сака да го врати назад во Реал, но претседателот Флорентино Перез е дециден на оваа тема, откако го „исчисти“ Серхио Рамос не планира да носи нов ветеран како „суперѕвезда“.
На „готовс“ се наоѓаат челниците на ПСЖ, на кои полека, но сигурно им станува јасно дека нема да можат да го задржат Килијан Мбапе, кој следното лето како слободен играч ќе си замине од „Паркот на принцовите“. „Светците“ се уште немаат донесено одлука, но многу лесно може да се случи да го продадат Мбапе на Реал, а потоа дел од парите да инвестираат во Роналдо. Португалецот би прифатил и нешто помала плата ако добие договор на три сезони (вкупно 60 милиони евра), а Јувентус би се задоволил и со отштета од 30 милиони евра, само за да се ослободи од превисоката плата на Роналдо.
На потег е Ал Келаифи, кој во неколку ситуации во изминатите години не ги криеше симпатиите кон португалската голгетерска суперѕвезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА