Кристијано Роналдо имаше извонредна година во дресот на Ал Наср, Португалецот беше фудбалер со најмногу постигнати голови во една календарска година во целиот свет, но и тоа беше недоволно за тој да се закити со наградата за најдобар фудбалер во Азија за 2023.
Согласно правилата, во изборот покрај фудбалерите родени од Азија можат да учествуваат и играчи кои настапуваат во лигите од овој континент, што експресно го промовираше Роналдо како еден од главните кандидати за големото признание.
На крајот, тој мораше да се задоволи само со третата позиција, откако големата награда заврши во рацете на Хеун Мин Сон од Тотенхем со 22,9% од вкупните гласови, а второрангиран беше Ким Мин Џае, екс-дефанзивецот на Наполи кој сега со успех настапува за Баерн Минхен со 19,54% од гласовите. Роналдо освои 17,06% од вкупните гласови, доволно само за трето место во овој избор.
Сон на овој начин ја продолжи доминацијата во изборот за најдобар фудбалер на Азија, признание што асот на Тотенхем го доби седма година по ред, вкупно деветти пат во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

