По бурата која изминатите денови беше во фокусот на фудбалската и светската спортска јавност, Кристијано Роналдо конечно се огласи и кажа зошто ја напушти португалската репрезентација на стартот од Лигата на нации.
Роналдо беше стартер на првиот натпревар за Португалија во новото издание на Лигата на нации во триумфот над Велс од 1:0, но беше заменет во 67-та минута, по што на вториот натпревар против Норвешка се најде на клупата за резервни играчи.
Тој потоа одлучи да ја напушти репрезентацијата, а изминатите неколку денови се слушаа зборовите само на селекторот Жорге Жесус и претседателот на Федерацијата, Педро Проенса, се до вечерва кога конечно преку соопштение се огласи Роналдо.
Капитенот на Португалија изјави дека, за време на прес-конференцијата, Жезуш зазел сосема поинаков став и го наметнал својот авторитет, наместо да го изнесе јавното објаснување за кое претходно се договориле.
„Одлучив да го напуштам кампот на репрезентацијата наместо да чекам уште прекршени ветувања. За мене, вистината останува најважната работа во човечките односи. Без оглед колку е болно, сакам луѓето да ми ја кажуваат вистината“, изјави Роналдо.
Тој призна дека погрешил што самоиницијативно го напуштил кампот и ја презеде целосната одговорност за тој потег.
„Исто така, им должам извинување на моите соиграчи од репрезентацијата што го напуштив кампот. И покрај тоа што целосно ја изгубив довербата во зборовите на селекторот, не требаше да го направам тоа. Одговорноста е моја“, рече капитенот на Португалија.
Кристијано нагласи дека е подготвен да ја прифати одлуката на Португалската фудбалска федерација.
„Федерацијата мора да ги оцени последиците од моите постапки и да изрече казна. Разбирам дека не треба да има олеснителни околности за таква казна. Јас не сум обичен играч, јас сум капитен, што претставува отежнувачка околност. Правилата мора да бидат исти за сите, без оглед на статусот.“
На крајот од својата изјава, Роналдо посочи дека сè уште нема намера да се повлече од репрезентативниот фудбал.
„Ако сум физички подготвен, играм за мојот клуб и се надевам постигнувам голови, тогаш штом ќе ја отслужам изречената суспензија, ќе бидам на располагање како и секогаш да се борам и да победувам за нашата репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
