Пари сен Жермен е фаворит во трката по Кристијано Роналдо, откако синоќа беше обелоденето дека францускиот гигант одржал состанок со агентот на Португалецот, Жорге Мендеш, неколку часа пред финалето на ЛШ во Кардиф. Како што јавува британскиот весник „Дејли Мејл“, Мендеш се сретнал со првиот човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи, при што се дискутирало на неколку теми.
Главна сепак била иднината на Роналдо, откако агентот на суперѕвездата најавил дека Кристијано ќе инсистира на заминување од Мадрид, нешто што беше обелоденето во текот на вчерашниот ден. Претседателот на „светците“ барал да биде информиран за текот на случувањата, за во вистински момент да испрати понуда за да го доведе Кристијано на „Паркот на принцовите“.
Неофицијално, токму овие разговори придонеле ПСЖ да го олади интересот за Обамејанг од Борусија Дортмунд, во исчекување на уште поголема ѕвезда за нападот на „светците“. Иако и Манчестер јунајтед се интересира за Португалецот, ПСЖ е во огромна предност бидејќи Роналдо имаше низа недоразбирања со Мурињо во Реал Мадрид, па нема во план повторно да соработува со својот сонародник и на „Олд Трафорд“. Згора на тоа, Ал Келаифи е подготвен да ги задоволи финансиските барања на Португалецот за годишна плата од над 30 милиони евра, а ПСЖ може да си дозволи и да плати над 100 милиони евра како отштета, сума што Реал сигурно ќе ја бара за својот најдобар фудбалер.
Јасно е дека шпекулациите околу иднината на Кристијано ќе продолжат и во следниот период, но доколку Португалецот навистина цврсто реши да замине, ПСЖ дефинитивно ќе биде еден од главните клубови во трката за негов ангажман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА