Страшна трагедија се случи на едно семејство на годишен одмор во Вила нова де Милфонтес во Португалија, откако во експлозија во куќата во која престојувале животот го загубија двајцата родители и нивната ќерка.
Единсвениот преживеан беше 13-годишното момче Франциско, кое по неколку седмици во болница ги надмина тешките повреди и беше пуштено од болница. Канадскиот инфлуенсер Зек Дерениовски почна кампања за да се соберат пари за да му се помогне на малиот Франциско, а кога се дозна дека детето е голем фан на Кристијано Роналдо, тој презеде иницијатива и да организира средба меѓу нив двајца.
Двете мисии завршија успешно, Канаѓанецот собра над 100.000 долари кои веќе се префрлени на располагање на детето кое остана без најблиските, а згора на тоа Франциско оваа седмица се сретна и со својот голем идол.
Средбата била организирана преку репрезентативецот Нелсон Семедо кој ги договорил деталите, а Роналдо одвоил десетина минути за разговор со Франциско, на крајот подарувајќи му и дрес со неговиот потпис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

