Кристијано Роналдо ги одигра трите средби за Португалија во групната фаза од ЕВРО 2024, но големиот ас има лимитиран ефект на теренот, со само една асистенција без ниту еден постигнат погодок.
Јасно е дека од еден од најдобрите фудбалери на денешницата се очекува многу повеќе, а дел од аналитичарите посочуваат дека Роналдо станува сериозен проблем за португалската репрезентација.
„Воопшто не е важно колку е добар и колку е подготвен, ниту пак што прави на теренот. Ако тој сака да игра, ќе игра, зарем не… се чини дека селекторот и воопшто нема избор на оваа тема“, коментираше легендарниот англискиот голгетер Алан Ширер.
Мика Ричардс беше уште поостар во коментарите за Кристијано, јасно ставајќи до знаење дека не му се допаѓа односот на големиот ас.
„Прво, не ми е јасно зошто мораше да игра во третото коло со Грузија. Никој од ѕвездите не беше на теренот, но тој како да мораше да игра, да даде гол, да се докаже… не разбирам. Јасно ми е дека сака да даде што повеќе голови, но тоа веќе не е позитивна работа, туку проблем. Кристијано е три меча без гол, може да видиме како се однесува, цело време е бесен. Лут е на судиите што не свират секогаш кога ќе падне, лут е на соиграчите што не му додаваат кога тој мисли дека треба… а кога ќе го извадат од игра лут е на сите. Селекторот беше во право кога го повлече, бидејќи на сите им беше јасно дека е премногу тензично кога Кристијано е на теренот, а веќе имаше и жолт картон за приговор“, прокоментира Ричардс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА