Роналдо-шоу во Милано, Интер е многу послаб тим без Лукаку

Јувентус славеше со 1-2 на гостувањето против Интер во првиот полуфинален меч од Купот на Италија, правејќи голем чекор напред во битката за финале, во пресрет на реваншот што ќе се игра следната седмица во Торино. Кристијано Роналдо со два гола беше херој на „старата дама“, додека кај Интер сериозно се почувствува неиграњето на Ромелу Лукаку, кој паузираше поради суспензија по конфликтот во полуфиналето со Златан Ибрахимовиќ.

Интер прв поведе преку Лаутаро Мартинез по слабата интервенција на Буфон, а Јуве израмни со пеналот на Роналдо, откако беше покажано на белата точка иако обидот за центаршут на Бернардески до Квадрадо беше крајно непрецизен. Домаќините протестираа по ваквата одлука, но тоа не го спречи Роналдо рутински од единаесет метри да ја смести топката во мрежата на „нероаѕурите“. Десетина минути подоцна, шок за домаќините откако по катастрофалната грешка на одбраната и голманот Ханданович, Роналдо украде топка на дваесетина метри и ја пласираше во празната мрежа.

Очекувано, Интер тргна во офанзива во второто полувреме, но избраниците на Конте не успеаја да стигнат до израмнување. Алексис Санчез се најде во стопроцентна шанса, но Демирал пред самата гол-линија спречи радост на Чилеанецот, а потоа блесна и Буфон, кој му одбрани зицер на Дармијан.

Реванш натпреварот е закажан за 9 февруари во Торино, дуел за кој Конте повторно на располагање ќе го има Ромелу Лукаку, во обид да ја надополни негативата по денешниот пораз.

Се вчитува...