Роналдо во елемент: Извинување до сите мајки, за лошите фризури на вашите синови

Бразилецот Роналдо во интервју за „Sports Illustrated“ говореше на најразлични теми поврзани со неговата кариера, а „феноменот“ се осврна и на изборот на фризура за завршницата од СП 2002.

Роналдо на полуфиналето против Турција ја шокираше светската јавност појавувајќи се со ужасен имиџ, избричена глава со оставена само малку коса на шишките. Оваа фризура неколку пати беше избирана за најлоша во историјата на спортот, а Роналдо во интервјуто дури и им се извини на сите мајки ширум светот, кои морале да се срамат од ваквиот имиџ на своите синови кои сакале само да го копираат Бразилецот.

„Имав проблеми со мускулот, многу се „шушкаше“ на таа тема и сакав да го свртам вниманието. Затоа, решив да го променам имиџот. Искрено, знаев дека е ужасна. Ги праашав соиграчите, сите ми рекоа дека е многу лоша и дека морам да се ишишам до крај. Сепак, она што јас го сакав се оствари – до крајот на СП никој не зборуваше за мојата повреда, само за фризурата. Искрено ми е жал, им се извинувам на сите мајки чии синови подоцна имаа иста таква фризура поради мене“, изјави Роналдо.

Новиот имиџ му донесе и успех на теренот на „феноменот“, кој го постигна победничкиот гол во полуфиналето против Турција, а неколку дена подоцна беше и двоен стрелец во финалето против Германија, носејќи му ја на Бразил петтата титула светски првак.

Се вчитува...