Шпанската Фудбалска Федерација денеска ја одби жалбата на Реал Мадрид, потврдувајќи ја казната од пет натпревари неиграње на Кристијано Роналдо поради туркањето на судијата на дуелот од Суперкупот на Шпанија против Барселона на „Камп ноу“.
Португалецот го заработи вториот жолт картон поради обид да изглуми пенал, по што го турна главниот арбитар, кој го внесе инцидентот во својот извештај. За ваков престап се предвидува казна од четири до дванаесет меча неиграње, Португалецот ја доби минималната (четири за туркањето, еден за црвениот картон), но Роналдо сепак е незадоволен.
„Невозможно е да се остане имун на целата оваа ситуација, пет натпревари!!! Ова е претерано и смешно, се вика – прогон. Благодарност до соиграчите и навивачите за поддршката“ – напиша Роналдо на своите профили на социјалните мрежи.
Кристијано покрај вечерашниот реванш од Суперкупот на Шпанија, ќе ги пропушти и наредните четири средби од стартот на сезоната во Примера дивизион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА