Извршниот директор на Формула 1 и поранешен шеф на Мерцедес, Рос Браун, смета дека со новите правила во Ф1 што влегуваат на сила од оваа сезона, нема да се постигне посакуваниот ефект.
Според последните промени, оваа година болидите ќе бидат пошироки и побрзи, но, тоа според Рос Браун, нема да ја сопре доминацијата на Мерцедес, туку напротив, може да им биде во прилог на посилните тимови.
„Секогаш кога правиме големи промени во правилникот, се изложуваме на ризик. Стискаме палци овој пат работите да профункционираат како што треба, но се плашам дека не сме промислиле добро за принципите. Ако идеата била да се сопре Мерцедес, тогаш може да кажам дека сме го постигнале токму спротивното. Еден тим со нивните сили и можности, со задоволство ќе ја прифати промената. Наивно е да се мисли дека промените ќе го дестабилизираат Мерцедес. Напротив, тие им даваат предност“ – вели Рос Браун.
Извршниот директор на Ф1 изјави дека размислува за воведување на трки надвор од оние во шампионатот, на кои би се експериментирало со новите формати. Браун објасни дека таквите, дополнителни и економски исплатливи трки, би можеле да помогнат во развојот на Ф1 шампионатот бидејќи на нив би се тестирале различни идеи кои потоа може да бидат имплементирани и во Формула 1.
„Овој предлог е повеќе оптимистички, но ако навистина се организираат такви натпревари надвор од шампионатот, ќе имаме многу поголем капацитет да разгледаме различни формати и пристапи. Така ќе можеме да видиме како тое е прифатено од публиката, без притоа премногу да ризикуваме. Порано имавме многу такви натпреварувања надвор од шампионатот, но дали тоа сега би функционирално е друго прашање. Треба добро да се размисли за оваа можност“ – истакнува Рос Браун.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА