Четирикратниот шампион, Луис Хамилтон во новата сезона стартува како прв фаворит за освојување и на петтата титула во Формула 1. Нико Розберг кој четири години му беше клупски колега на Британецот, а пред да се пензионира во 2016 година го победи во шампионската трка, открива дека колку и да е доминантен и Хамилтон има свои слабости кои конкурентитер може да ги искористат.
„Слабоста што ја има Луис Хамилтон, е неговата непостојаност. Тој има периоди во кои, едноставно, не е при себе. Ако успееш да го нападнеш токму тогаш и да го извлечеш најдоброто, тогаш го држиш назад подолго време“ – вели Нико Розберг.
Поранешениот возач на Мерцедес, додава дека Фетел го направил токму тоа во текот на минатата сезона, во која на крај сепак, Хамилтон беше победник. Според Розберг, на ист начин треба да дејствува и Валтери Ботас кој има потенцијал да го престигне Хамилтон.
„Кога Луис има добри викенди, тој е речиси непобедлив, затоа што е неверојатно брз и можеби најдобриот на патеката воопшто. Но, сепак се отвораат можности и за другите“ – вели Розберг.
Новата сезона во Формула 1 стартува викендов со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА