Рубљов загрижен по позитивниот тест на Ковид-19: Не разбирам како се заразив, целосно сум вакциниран!

Рускиот тенисер Андреј Рубљов е позитивен на коронавирус, објави тој на својот Твитер профил. Петтиот светски рекет планираше денеска да отпатува за Австралија каде со Данило Медведев требаше да ја предводи руската селекција на АТП купот во Сиднеј.

Андреј истакна дека рзочаран по добиениот позитивен тест, укажувајќи дека ги примал вакцините против Ковид-19.

„Моментално сум во Барселона и за жал мојот тест за ковид-19 беше позитивен. Јас сум во изолација и ги следам сите лекарски рецепти. Како што знаете, јас сум целосно вакциниран, се подготвував за АТП купот и Австралија опен. Сега треба да се опоравам. Во Мелбурн ќе одам само кога ќе биде безбедно за сите други. Многу сум вознемирен и загрижен за тоа што се случува. Ве молам да се грижите за себе и за луѓето околу вас. Ќе се вратам на терен што е можно поскоро“, потенцираше Рубљов.

Рубљов е уште еден во низата тенисери кои по Абу Даби добија позитивен тест за коронавирус. Пред него беа заразени Рафаел Надал и неговиот тренер Карлос Моја, Денис Шаповалов, Ема Радукану, Белинда Бенчиќ и Онс Џабер.

 

 

 

Се вчитува...