Се е подготвено за утрешното осминафинале меѓу домаќинот Германија и селекцијата на Данска, а селекторот Јулијан Нагелсман доби позитивна вест од својот лекарски тим.
Антонио Рудигер го мина денешниот последен тест, па дефанзивецот на Реал Мадрид дефинитивно ќе биде „фит“ за да настапи од првата минута против Данска. Ова е одлична вест за Германците, особено ако се знае дека Тах сигурно ќе отсуствува поради суспензија, па евентуално неиграње на Рудигер ќе значеше и целосен ремонт на последната линија.
На спротивната страна, Данска се соочи со неочекуван проблем откако капитенот Кристијан Ериксен во последните два дена не тренираше со остатокот од репрезентацијата. Стомачен вирус е причината поради која Ериксен не тренираше со остатокот од тимот, но селекторот Хјулман е оптимист дека најдобриот дански фудбалер ќе може да се појави од првата минута на утрешното осминафинале.
„Кристијан имаше проблеми со стомакот, оценивме дека е подобро да одмори за да собере сила за утрешниот меч. Се надевам дека ќе биде добро, дека ќе може да игра, но ако тоа не е случај, секако ќе имаме план Б. Ова е национална репрезентација и мораме да бидеме подготвени да играме без секого, дури и без капитенот“, прокоментира селекторот Хјулманд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА