Пишува: Миодраг Мицковиќ
Не е лесно кога се шутираат рулет пеналите, кога натпреварите ќе завршат и по две продолженија беа победник, ниту за фудбалерите, тренерите, навивачите… Треба тоа да се издржи. Само фудбалерите знаат како се чувствуваат, особено ако последни го изведуваат пеналот, кога од нив, од тој последен удар кон голот, зависи судбината на клубот, победа или пораз, радост или тага на трибините.
Тоа најдобро го почувствуваа фудбалерите на Вардар од Неготино, кои по четири години настапи во Третата лига – југ се вратија во единствената Втора лига на Македонија во која со години играа, откако во бараж мечот во Кичево на пенали го победија Новаци. Во регуларниот дел беше нерешено 1:1.
Но приказната за пеналите за Вардар од Неготино започнува минатата година кога за првпат по четири години играње во Третата лига – југ играа бараж меч за пласман во Втората лига со Караорман од Струга на стадионот „ Борис Трајковски“ во Скопје. Откако средбата заврши без победник 2:2, се изведуваа рулет пенали. И што се случи. Се изведуваше серија од дури седум пенали. Иако имаа предност од 4:2, откако Марјанчо Илов, Бранко Андонов, Александар Трајков и Горан Соколов беа прецизни од 11 метри и кога веќе почна славјето на клупата на Вардар, дојде црната пенал серија. Последните три пенали не ги реализираа Дарко Мојсовски, Кирил Неделков и во решавачкиот удар од 11 метри промаши и Петар Најдов што значешеи победа на Караорман, иако и неговите фудбалери од седум шутирани пенали два промашија.
Сепак, годинава на вториот бараж меч за пласман во Втората лига, играчите на Вардар беа поуспешни од фудбалерите на Новаци, прваци на Третата лига-југозапад, на мечот во Кичево, кој заврши нерешено 1:1. Ако на натпреварот со Караорман немаа среќа, овојпат навистина ги послужи, откако Неделков израмни на 1:1 во последната, 90 минута. Потоа ги реализираа сите пет пенали: Петар Најдов, Дарко Нацев, Бранко Андонов, Петар Ристовсвки и Марјанчо Илов.
Фудбалерите на Новаци успешно ги реализираа првите три пенали: Христијан Крклиски, Стефан Стефановски и Владимир Недановски, но трагичари беа Стефан Јовановски и Антонио Стојковски кои промашија.
По четири години талкање на терените во Третата лига-југ овие играчи на Вардар му го донесоа пласманот во единстената Втора лига предводени од тренерот Љупчо Димитковски-Гањо. Тоа се: Стефанов, Донев, Трајков, Неделков, Ристовски, Шишков, Мојсовски, П.Гогов /Андонов/, Костовски /Најдов/, Апостолов /Илов/, Иванов /Нацев/.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА