Германскиот првак Баерн Минхен ја заокружи 2017 година на убав начин, со убедлива предност на врвот на табелата во Бундес-лигата. Баварците имаат 11 бода позитива во однос на второпласираниот Шалке 04, а промената ја донесе искусниот стратег Јуп Хејнкес, кој го замени Карло Анчелоти по лошиот старт на сезоната. Тоа во своето божиќно обраќање до јавноста го истакна и Карл – Хајнц Румениге.
„Можеме да бидеме повеќе од задоволни од резултатите во изминатата 2017 година. Овој тим доминира во Германија како и оној од 70-тите години на минатиот век, кога играа Бекенбауер, Мајер, Милер…Исто така, ние сме и во самиот врв на европскиот фудбал. Имавме лош старт на новата сезона, но мора да му се заблагодариме на Јуп Хејнкес, кој се нафати на предизвикот повторно да се врати во клубот, и оствари 15 победи на 16 натпревари. Честитки до сите кои го носат логото на Баерн Минхен, сите имаат свој придонес во развојот на клубот и успесите што ги остваруваме“, изјави Румениге.
Баерн Минхен од 2 јануари ќе замине на мини – подготовки во Катар, во пресрет на вториот дел од сезоната во германскиот шампионат. Бундес-лигата продолжува на 12 јануари, а Баерн Минхен ќе му гостува на Баер Леверкузен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА