Румениге: Не би сакал да ме чува Лукас Хернендез

Германскиот првак Баерн Минхен го претстави најскапиот одбранбен фудбалер во историјата на клубот, францускиот интернационалец Лукас Хернандез, кој за 80 милиони евра од Атлетико Мадрид пристигна на „Алијанц арена“. Легендата Карл – Хајнц Румениге, кој беше еден од најдобрите напаѓачи во светот, истакна дека не би сакал да игра против одличниот дефанзивец.

„Не би сакал да ме чува Лукас Хернандез. Тој е цврст, моќен, брз, еден од најдобрите одбранбени фудбалери во светот. Среќни сме дека ќе го имаме во тимот на Баерн Минхен“, изјави Румениге.

Лукас Хернендез е задоволен што добива можност да биде дел од германскиот шампион.

„Баерн Минхен е еден од најголемите клубови во светот. Секогаш се бори за трофеите во Германија, секогаш е и меѓу фаворитите во Лигата на шампионите. Се надевам дека заедно ќе освоиме многу нови трофеи“, порача новото засилување на Баерн Минхен.

Се вчитува...