Руни ВО ФЕВРУАРИ си заминува од Олд Трафорд?!

Вејн Руни се посериозно ја разгледува можноста до крајот на овој месец да си замине од Манчестер јунајтед, најавуваат неколку англиски медиуми. Капитенот на „црвените ѓаволи“ дефинитивно не е дел од плановите на Жозе Мурињо и се подготвуваше за летен трансфер, но откако продолжи да ја грее клупата на Јунајтед сега Руни почна да размислува за што поскоро заминување од „Олд трафорд“. Откако постигна гол со кој стана најдобар стрелец во историјата на клубот, Руни чувствува дека повеќе нема предизвик во оваа екипа во која ионака поголемиот дел од средбите ги следи од клупата за резерви.

Неколку кинески клубови во изминатите месеци се обидуваа да го убедат Англичанецот да се пресели на Далечниот Исток, неговиот одговор досега беше негативен, но со последниот развој на настаните сега се подготвуваат нови преговори кои би можеле да завршат експресно. На Руни ќе му биде понудена плата од 36 милиони евра по сезона во следните три години (три милиони евра месечно), сума што е доволна за да се убеди голгетерот на ваков трансфер.

Манчестер јунајтед би добил околу 25 милиони евра за фудбалерот кој има уште 16 месеци од актуелниот договор, но уште поважно за „ѓаволите“ е што би се ослободиле од договорот на Руни вреден 300.000 фунти неделно, пари што потоа би можеле да бидат искористени за доведување на нови врвни засилувања.

Се вчитува...