Руни за кризата на Јунајтед: Потребен е голем ремонт, јас би задржал само двајца фудбалери

Манчестер Јунајтед тоне во огромна криза, а Вејн Руни не го крие разочарувањето од игрите и резултатите на клубот што доминираше во фудбалска Англија додека тој играше за „црвените ѓаволи“, а сега се наоѓа во долниот дел од премиерлигашката табела.

Според легендарниот голгетер, неопходно е што поскоро да се направи огромен ремонт во играчкиот кадар, а според Руни само двајца фудбалери поседуваат и квалитет и карактер за да останат во Манчестер Јунајтед.

„Потребни се промени, и тоа драстични промени. Ремонт во играчкиот кадар, кога велам ремонт, мислам на заминување на 10 до 15 фудбалери кои сезонава играат за Јунајтед. Јасно ми е дека тоа е голема бројка и најверојатно нема да се случи, но тоа е она што е потребно. Ако се прашувам јас, би останале само двајца од овој тим, Бруно Фернандеш и Коби Маино, сите други би биле на трансфер-листа“, изјави Руни.

Тој даде свој осврт и за новиот тренер Рубен Аморим, кој досега воопшто не ги оправда очекувањата откако дојде на клупата на местото на Ерик тен Хаг.

„Мислам дека ќе добие шанса, ќе има време да ја подготви екипата летово и да видиме како ќе се движат работите во новата сезона. Малку ми е смешно, Аморим упорно повторува дека сака да ја освои Премиер-лигата, но како може да го стори тоа кога толку многу заостанува во секој поглед. Тренерите веќе немаат време како пред 10-15 години, сега од нив се бара брз успех. Тој ќе добие шанса летово, но потоа од него ќе се очекува резултат, а наивно е сега да слушаме како тренерот изјавува дека овој тим на Јунајтед сака да биде шампион“, прокоментира Вејн Руни.

Се вчитува...