Европското првенство во Данска за ракомет за жени се игра под посебни услови поради пандемијата од коронавирус, а Русинките не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата. Членовите на стручниот штаб и ракометарките во неколку ситуации ги прекршија строгите правила на ЕХФ и на организаторот, поради што се погласни се барањата тие да бидат дисквалификувани од натпреварувањето.
Први се побунија Швеѓаните кои бараа казна за Русите поради тоа што нивниот селектор се ракувал надвор од дозволената зона, а потоа следеше и побуна од Норвежаните кои бараат руската репрезентација да биде исфрлена од првенството поради видео на кое се гледа како две руски ракометарки јадат од иста лажица.
„Шокантно однесување. Против идиоти и глупости немоќни се и Боговите. Доколку има можност оваа репрезентација да се исфрли од натпреварувањето, истото нека се случи“ – напиша поранешниот норвешки ракометар, а сега новинар Оле Еревик.
Видеото е избришано, а Русите тврдат дека работат по препораките и не ги прекршуваат правилата.
„Искрено, потполно се сувишни тврдењата дека треба да бидеме исфрлени. Нашиот тим се однесува согласно со сите препораки и прописи, како во хотелот во кој престојуваме, така и во салата каде што играме“ – изјави рускиот потпарол, Димитри Христич.
Русија имаше максимални три победи во првата фаза од шампионатот, а триумфално ја почна и следната рунда, со победа над селекцијата на Црна Гора. Денеска Русинките го играат клучниот меч за пласман во полуфиналето, против селекцијата на Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

