Русите го открија тимот: Без двајцата што го наполнија кошот на Македонија минатиот февруари

Рускиот селектор Сергеј Базаревич го објави списокот на 12 кошаркари што утре ќе излезат на мегдан против Македонија, во рамките од петтото коло од квалификациите за Евробаскет 2022.

Русија веќе еднаш славеше во Перм над Македонија, минатиот февруари со резултат 77-67, но Базаревич утре на располагање ќе ги нема најдобрите руски кошаркари од таа прва средба. Ветеранот Витали Фридзон, кој беше прв стрелец на тој меч со 23 поени, утре нема да биде во тимот, исто како и плејмејкерот Димитри Кулагин, кој реализираше 15 поени и 7 асистенции.

Покрај овие двајца кошаркари, во таборот на „зборнаја“ утре во Перм ќе го нема ниту Павел Антипов, кој ланскиот дуел го заврши со седум поени и седум скокови.

Во таборот на Русија ќе се најде Американецот со руски пасош од ЦСКА, Џоел Боломбој, кому друштво ќе му прави уште еден ас на ЦСКА Москва, Семен Антонов. Базаревич реши во националниот тим да го повика и искусниот Воронцевич, кој веќе извесно време е без клуб по заминувањето од ЦСКА.

Се вчитува...