Русите ја почувствуваа моќта на Франција

Франција продолжи со перфектните изданија во рамките од групата А, откако актуелниот светски првак вечерва во рамките од четвртото коло го декласираше составот на Русија со убедливи 35-24. „Триколорите“ одиграа перфектен натпревар, во ниту еден момент не дозволувајќи им на Русите да се понадеваат дека би можеле да останат непоразени во преполната арена во Нант.

Контролата над мечот ја имаа од самиот почеток, рано поведоа со 7-4, потоа на пауза заминаа со 16-11, за фуриозно да ги одиграат последните петнаесет минути од натпреварот, за нова двоцифрена победа, трета во досегашните четири кола од групата А.

Селекторот Динар им даде поголема минутажа на помладите играчи, а тие не разочараа, Ди Падна беше најефикасен со осум гола, Мае постигна седум од осум обиди, додека Ремили даде пет погодоци со стопроцентен ефект.

Франција како првопласирана во групата А ќе игра со четвртата селекција од нашата група. Доколку Македонија загуби од Исланд во последното коло, тогаш во следната фаза во Лил ќе се пресмета токму со „триколорите“. Доколку освоиме барем бод против Исланд (или евентуално утре ја совладаме Шпанија) тогаш би било третопласирани и би се сретнале со второпласираната репрезентација во групата А, најверојатно Норвешка.

Се вчитува...