ЦСКА Москва активираше „бомба“ на трансфер-пазарот откако успеа да го комплетира трансферот на Алексеј Швед. Рускиот ас пристигнува во ЦСКА од редовите на Химки, откако го напушти овој клуб по доживеаниот финансиски колапс. За потсетување, Химки неколку години по ред нудеше огромни суми за да привлече врвни засилувања, Швед извесен период беше и најплатен кошаркар во Европа, но по распадот на тој проект одличниот поентер реши да остане во Русија.
ЦСКА е добро позната средина за него ако се знае дека Швед во периодот од 2006 до 2012 година го носеше дресот на оваа екипа, по што се пресели во НБА-лигата, каде го носеше дресот на Минесота, Хјустон, Њујорк и на Филаделфија.
Се очекува Швед да го заземе местото на прв поентер во тимот што му припаѓаше на Мајк Џејмс, но добро познато е како заврши Американецот во војната со темпераментниот тренер Итудис, па сега се поставува прашањето како Швед ќе се снајде во замислите на одличниот стручњак кој инсистира на дисциплина, нешто што воопшто не му е силна страна на довчерашниот играч на Химки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА