Македонската кошаркарска репрезентација забележа побеа на домашен терен над Луксембург со резултат 79-70, трет триумф во низа за нашите кошаркари кои се зацврстија уште повеќе на чело на табелата во својата група. Очекувано, Македонија покажа квалитет за да се одлепи резултатски по една четвртина, а потоа искуство за рутински да ја одржат позитивата за нови бодови со кои нашата кошарка ќе се врати чекор поблиску до друштвото каде што припаѓа. Новиот селектор Берокал имаше победничко деби, со надеж за уште подобри изданија под водство на шпанскиот стратег во периодот што следи.
Македонија го почна мечот со Петков на плејмејкерската позиција, заедно со капитент Војдан Стојановски, потоа Лука Стојановски, Андрје Јакимовски и Итан Хап. Токму Американецот со македонски пасош ги постигна првите поени на мечот, но гостите сосема солидно парираа на почетокот (10-11, 5. Минута). Македонија влезе во серија и со тројката на Ефремовски поведе со 17-11, контролирајќи го резултатот до крајот на четвртината што ја завршивме со тројката на Стојан Ѓуроски, за 25-17.

Андреј Јакимовски во 12. Минута со одлично положување го донесе првото двоцифрено водство на Македонија. Гостите за момент намалија на 29-24 но следеше нова серија на македонските кошаркари, за со положувњето на Лука Стојановски да стигнеме до 35-24 и да го принудиме селекторот на Луксембург на тајмаут. До крајот на полувремето нашите кошаркари рутински го контролираа резултатот, на одмор заминувајќи со 44-32.
Македонија заигра уште подобро на стартот од второто полувреме, наметнувајќи темпо што гостите не можеа да го следат и експресно поведувајќи со 51-34 со тројката на Андреј Магдевски, а нешто потоа и со плус 20 (54-34) со слободните на Адем Мекиќ. Луксембург одговори со седум поени во низа, серија што ја прекина Марин Петков со прецизна реализација од линијата за слободни фрлања. Шутот веќе не ги служеше македонските кошаркари, а противникот го искористи тоа за да ја спушти разликата под десет (56-47). Стојан Ѓуроски постигна тројка во важен момент, па во последните 10 минути влегоа со водство од 59-49.
Јакимовски и Хап влегоа во ритам на почетокот од четвртата четвртина, па со поените на Американецот стигнавме до водство од плус 15 (67-52). Шутот од далечина не функционираше најдобро во второто полувреме пред Ефремовски да ја прекине серијата промашени тројки на нашите кошаркари, за предност од 74-60 во 37. минута од натпреварот. Остатокот од дуелот мина во рутинско одржување на предноста и убедлива победа изразена со конечните плус девет, откако Луксембург постигна тројка со звукот на сирената.

Андреј Јакимовски беше прв стрелец со 17 поени, надополнети со 7 скокови и 4 асистенции, Хап имаше импресивен дабл-дабл од 15 поени и 14 скокови, а двоцифрен беше уште и Виктор Ефремовски со 13 поени.
Македонската експедиција утре патува за Азербејџан, за пресметката во понеделник со селекцијата што лесно ја добија во првото коло од овие претквалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

