Рутински победи на Еуро Никел и Работнички, дербито на новајлиите за Чаир 2030

Еуро Никел стигна до шестата победа во сезоната откако во 11. коло славеше на домашен терен против Академија ФМП со 92-63. Кавадарчани кои ја имаа фаворитската улога на мечот истата ја оправдаа уште во првата четвртина која ја добија со 23-6 по што лесно ја задржаа високата предност до крајот на мечот за победнички крај на 2022 година.

Предводник на Еуро Никел со 15 поени и 8 скока беше Планиниќ, 14 поени и 5 асистенции додаде Бојчев, а со 12 поени мечот го заврши Стојановски. Далб-дабл од 19 поени и 12 скока за гостите оствари Коскоски, додека 12 поени додаде Пајиќ.


До лесна победа стигна и Работнички која на гостувањето во Гевгелија против Кожув славеше со 85-110. Гостите од Скопје беа подобриот противник во текот на целиот меч, од четвртвина во четвртина ја зголемуваа предноста за нов натпревар со повеќе од 100 постигнати поени и седми триумф во низа.

Со 31 поен и 11 скока лидер на Кожув беше Јузбашиќ, додека 23 поени додаде Петровски. 21 поен и 6 асистенции за Работнички постигна Џексон, а 20 поени и 8 скока додаде Малешевиќ.


Најнеизвесно беше на мечот во Скопје каде Чаир 2030 славеше во дуелот на новлијиите против Струмица со 97-92 . Чаирчани одиграа одлично прво полувреме по кое имаа предност од 12 поени (51-39), но гостите одговорија во третата четвртина кога негативата ја претворија и во предност, но на влезот во последната четвртина резултатот изнесуваше 71-69.

Клучна за победата на домаќините беше средината на четвртата четвртина во која Чаир 2030 стигна до серија од 7-0 за предност од 82-75 со што ја превземаа иницијативата, а предноста не ја испуштија до самиот крај и покрај тоа што Струмица во два наврати стигна до негатива од еден напад.

Лидер на Чаир 2030 со 36 поени и 8 скока беше Френклин, далб-дабл учинок од 25 поени и 14 скока забележа Мохамед, додека со 10 поени и 5 скока мечот го заврши Банч. Крстајиќ со 26 поени, 9 скока и 6 асистенции беше лидер на Струмица, 25 поени и 9 скока додаде Стаменковиќ, додека до 21 поен броеше Мамузиќ.

Се вчитува...