Ракометарите на Е. Пелистер се уште поблиску до нова шампионска титула откако вечерва славеа на гостувањето против Пролет со резултат 27-36. Фаворитската улога беше рутински одбранета, битолчани го контролираа резултатот од првата до последната минута и стигнаа до посакуваните бодови, по кои сега им недостигаат уште три победи за да го осигураат новиот шампионски трофеј.
Избраниците на Ангеловски фуриозно го почнаа мечот поведувајќи со 1-4 по нецели пет минути игра. Пролет покажа карактер и не се откажа, намалувајќи на 5-6 и целосно враќајќи се на натпреварот. Ракометарите на Александар Јовиќ во еден момент и поведоа со 9-8, потоа имаа и 10-10, но битолчани нешто подобро го завршија полувремето и со голот на Филип Кузмановски на одмор заминаа со предност од 13-15. Победникот беше решен по десетина минути игра во вториот дел, кога по 17-19 шампионот влезе во серија постигнувајќи пет, а примајќи само еден гол, за водство од 18-24. Остатокот од мечот мина во рутинско одржување на предноста на фаворитот, кој на крајот заслужено славеше со 27-36.
Филип Кузмановски ги предводеше стрелците на шампионот со девет погодоци, додека на спротивната страна најефикасен кај Пролет беше младиот Димковски со осум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА