Сагата нема крај: Атлетико бара 200 милиони евра за Гризман

Барселона денеска се пофали со мега-трансферот на Антоан Гризман, купувајќи го францускиот ас од Атлетико Мадрид за 120 милиони евра. Сепак, тоа не значи и крај на сагата откако мадридскиот клуб попладнево се јави со соопштение, барајќи Барселона да плати уште 80 милиони евра ако сака да го комплетира трансферот на голгетерот.

Конфликтот е околу клаузулите во договорот што Гризман го има со Атлетико, а според кој Французинот може да замине доколку постигне договор со некој клуб по 1 јули, неговата клаузула од 200 милиони евра се намалува на 120 милиони евра. Сепак, челниците на Атлетико Мадрид тврдат дека имаат докази дека договорот меѓу Барса и Гризман е постигнат уште во месец март, додека клаузулата изнесувала 200 милиони евра, па сега ќе инсистираат на нејзина целосна исплата.

„Сумата што денеска е уплатена е недоволна за активирање на клаузулата за раскин. Очигледно е дека договорот на Барселона со фудбалерот е постигнат пред да дојде до намалување на клаузулата од 200 на 120 милиони евра. Исто така, потсетуваме дека фудбалерот објави заминување од нашиот клуб уште на 14 мај, кога неговата клаузула изнесуваше 200 милиони евра“ – се вели во соопштението на Атлетико Мадрид.

Останува да проследиме што ќе се случува во продолжението од оваа „сапуница“, дали Гризман ќе се појави на тренинзите на Барселона, или ќе чека да се изјасни „Ла Лига“ околу неговиот статус.

Се вчитува...