Светскиот шампионат во Египет се уште не е стартуван, а големите ракометни „ѕвезди“ веќе го кренаа гласот околу слабата организација и заштитата на спортистите од коронавирус. Домаќините најавија строги протоколи, но уште при самото пристигнување европските селекции се пожалија на нивно непочитување, стравувајќи од евентуална појава на Covid-19 во нивните редови.
Меѓу најгласните е најдобриот норвешки ракометар, Сандер Сагосен, кој изјави дека бил шокиран од глетката во хотелот каде е сместена оваа репрезентација.
„Сакаат да го наречат ова балон, како се да е во ред, а вистината е дека ова е „див запад“. Луѓе трчаат околу низ хотелот без маски. За среќа, ние имаме сопствени правила, како и прекрасни луѓе кои спречуваат да бидеме во контакт со други лица. Сепак, шокиран сум од она што го видов првиот ден во Египет. Како некој да се шегува, ова е пародија од добра организација“, изјави Сагосен.
Со критики се јавија и Данците и Швеѓаните, протестирајќи што ИХФ им го откажал денешното тестирање на ракометарите, воедно и стравувајќи дека стриктното непочитување на проколите може да доведе до зголемен број на заразени ракометари во сите репрезентации во периодот што следи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА