Во првиот меч по големото финале на СП во Франција, Норвешка успеа да му се реванжира на актуелниот светски шампион за поразот во Париз. Норвежаните на домашен терен во Осло ја победија Франција со 35-30 и се изедначија со “експертите“ на врвот на табелата во групата 7 по 3.коло од квалификациите за ЕП 2018 во Франција.
Норвежаните уште на стартот поведоа со 3-0 и најавија беспоштедна борба против големиот фаворит. Избранците на селекторот Кристијан Берге во текот на целото прво полувреме беа во предност. Французите успеаја да изедначат на 10-10, но на одмор, сепак заминаа со еден гол негатива (12-11).
Во првите десетина минути од вториот дел, Французите одржуваа минимална предност, но Норвешка не се предаваше. Норвежаните одново ја презедоа контролата на играта и на резултатот и до крај останаа во позитива. Новата ѕвезда во норвешкиот состав, Сандер Сагосен донесе пресврт на 22-21 и ја предводеше својата репрезентација до овој голем триумф.
Сагосен заврши со фантастични 13 погодоци од 17 шута и беше нерешлив проблем за одбраната на Франција. По пет гола во победата на Норвешка додадоа Кристијан Бјорнсен и Робин Тонесен.
Во составот на Франција прв стрелец беше десниот бек Недим Ремили со седум гола, а по пет постигнаа Даниел Нарцис и Квентин Мае.
Вториот натпревар меѓу овие две селекции ќе се одигра на 6 мај во Клермон Феран. Ова ќе биде протштален меч од националниот дрес за двете француски легенди – Тиери Омејер и Даниел Нарцис.
Покрај Франција и Норвешка во групата 7 се уште и селекциите на Литванија и на Белгија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА