Најдобриот ракометар на Норвешка, Сандер Сагосен истакна по победата над Македонија дека верувале во триумф над подмладениот противник на денешниот дуел посакувајќи тоа да го завршат на најдобар можен начин. И тоа е реализирано.
Сагосен потенцира дека желбата да се победи на стартот од СП 2023 била преголема во нивниот табор, и покрај тоа што тој секогаш носи симпатии за Македонија поради големиот број пријатели од нашата земја.
„Максимално сериозно пристапивме на натпреварот и од таму следи и оваа висока победа. Ние ниту преценуваме никого, но ниту потценуваме. Знаевме дека Македонија има подмладена репрезентација но ниту најмалку не ја потценивме, туку напротив, игравме максимално до крај“ – ни изјави Сагосен, притоа дополнувајќи:
„Да бидам искрен, имам многу пријатели во Македонија и добив огромен број повици пред овој натпревар… Се разбира добронамерни. Секогаш ми е навистина задоволство кога играме против Македонија, затоа што знам дека е земја на ракометот и секогаш е прекрасно пред извонредните ваши навивачи и атмосферата која ја создавате. Но, победата за нас беше секако важна кога се игра на Светско првенство. И тука играме максимално на терен, без разлика на поддршката од трибините за противникот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА