Барселона следното лето ќе се обиде да го ангажира крилото на Спортинг Лисабон, Желсон Мартинс. Фудбалерот кој блеска во дресот на потругалските „лавови“, за кои настапува и нашиот Стефан Ристовски, е цел на неколку европски гиганти, пред се Јувентус и Ливерпул, но во трката за неговиот потпис се приклучи и Барселона. Репрезентативецот на Португалија има откупна клаузула од 60 милиони евра и договор кој важи до 2022 година, па Спортинг очекува од заинтересираните клубови да ја активираат клаузулата и да заработи огромна сума од неговите квалитети.
Имено, Барселона се откажа од можноста да го доведе Мартинс во своите редови во 2012 година. Спортинг Лисабон тогаш беше во финансиска криза, останаа должни на каталонскиот клуб околу еден милион евра за трансферот на Жефрен, па наместо пари им понудија неколку млади фудбалери од академијата. Барса се согласи и ги доведе Едгар Ие и Агостињо Са, додека го прескокнаа Желсон Мартинс, што се покажа како голема грешка. Двајцата фудбалери кои пристигнаа како надежни таленти не го искористија својот потенцијал, додека Мартинс доби шанса да заигра за првиот тим на Лисабон три години подоцна и стана вистински хит во португалското првенство.
За репрезентацијата на Португалија досега забележа 15 настапи, се уште чека на својот првенец, додека како стандарден првотимец на Лисабон запиша 20 погодоци и 24 асистенции на 109 настапи. Оваа сезона е исто така активен на теренот, со четири гола и две асистенции на 13 меча во домашното првенство, Мартинс е клучна фигура за „лавовите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА