Сака во трка со времето за Реал Мадрид

Букајо Сака е многу блиску до камбек на фудбалските терени, вест што навивачите на Арсенал ја примија со воодушевување ако се знае дека најдобриот фудбалер на „топчиите“ веќе три месеци е „во аут“ по тешката повреда на мускулот заработена на крајот од декември, на премиерлигашкиот дуел со Кристал Палас.

Првичните прогнози на лекарите беа дека паузата ќе изнесува три месеци, тој период ќе истече во наредните денови, но најважно е што од Лондон пристигнуваат позитивни вести поврзани со големиот ас. Сака за време на репрезентативната пауза ќе влезе во последната фаза од рехабилитациската програма, а Микел Артета се надева дека ќе го има англискиот офанзивец во тимот на почетокот од месец април.

Домашниот меч со Фулам закажан за 1 април не делува како најреална опција, но Артета е поголем оптимист дека Сака ќе може да одигра најмалку триесетина минути во четвртфиналето од ЛШ против Реал Мадрид, дуел закажан на „Емирати“ во Лондон за 8 април.

Јасно е дека евентуалниот камбек на англискиот репрезентативец би бил огромен плус за „топчиите“ пред дуелот со европскиот првак, особено ако се знае дека Артета за овој меч нема да може да смета на Жезус и Хаверц, па е принуден да инсистира на Мерино како „лажна деветка“ во ситуација кога нема класичен напаѓач на располагање.

Се вчитува...