Горан Пандев денеска против Холандија ќе го игра последниот натпревар во македонскиот дрес, означувајќи крај на фантастичната репрезентативна кариера која кулминираше со овој настап на ЕВРО 2020.
Холандија е фаворит, но исто така и ривал што е по мерка за „Гранде Пандев“, кој во минатото постигнал два погодоци против „лалињата“.
Македонија на 9 октомври 2004 година во Скопје ремизираше 2-2 со Холандија, меч на кој 20-годишниот Пандев одлично се снајде и погоди за 1-1 пред крајот на првото полувреме. Кајт нешто подоцна ги доведе „лалињата“ во ново водство, но Ацо Стојков со гол донесе голем бод за македонската репрезентација.
Вториот гол на Горан Пандев против Холандија е оној од 10 септември 2008 година, кога македонскиот ас од пенал ја затресе мрежата на фаворитот, недоволно да се избегне пораз (1-2) откако Хеитинга и Ван дер Варт беа прецизни за гостинската репрезентација.
Денешниот ден нека донесе и трет погодок на Пандев против една од најсилните европски репрезентации, како идеално збогување од националниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА