Сакраменто кингс е тимот што дефинитивно сезонава најдобро се снаоѓа против шампионот Денвер, „кралевите“ најпрвин на домашен терен го демолираа актуелниот првак со 29 поени разлика, за рано утрово да ги преслушаат Јокиќ и соиграчите и среде Денвер, со резултат 98-102. Денвер имаше двоцифрена предност во првиот дел, но Сакраменто успеа да се врати и на крајот да стигне до голема победа. Клучна беше слабата партија на Никола Јокиќ,кој беше целосно неутрализиран и го заврши мечот со скромни 15 поени, пет скока и осум асистенции. Гордон со дабл-дабл од 25 поени и 15 скокови беше прв играч на Денвер, додека најзаслужни за победата на Сакраменто беа Фокс со 30 поени и Сабонис со 20 поени и 11 скокови.
Далас успеа да врзе пет победи во низа откако маверикс славеа на домаѓен терен против Сан Антонио со 116-93. Лука Дончиќ немаше добар шутерски ден (1/8 за тројка), но Словенецот сепак беше блиску до трипл-дабл (27 поени, 9 скокови и осум асистенција). За среќа на Далас, во ритам влезе Кајри Ирвинг, кој го предводеше тимот до победа со 34 поени, 9 скокови и 7 асистенции.
ЛА Лејкерс славеа и на третиот меч во низа без помошта на Леброн Џејмс, овојпат на гостувањето против Јута со 122-138. Триумфот мина во знакот на Ентони Дејвис (37 поени и 15 скокови) и Хачимура (36 поени), со што ЛА Лејкерс за првпат по Коби Брајант и Шекил О’Нил во 2003 година имаа двајца кошаркари со повеќе од 35 постигнати поени на ист натпревар.
Дени Авдија го одигра мечот на карерата постигнувајќи 43 поени за Вашинтон, но и тоа беше недоволно за овој тим да стигне до победата на гостувањето во Њу Орлеанс.
Супердраматично беше на мечот Голден Стејт – ЛА Клиперс, каде гостите со извонредната последна четвртина (28-44) направија голем пресврт и стигнаа до триумф од 125-130. Стеф Кари постигна 41 поен, но мечот не беше крунисан со триумф на неговиот тим, додека најефикасни кај клиперси беа Харден со 26 и Џорџ со 24 поени.
Резултати НБА:
Шaрлoт – Атланта 122-99, Орландо – Њујорк 118-100, Филаделфија – Мајами 104-109, Бостон – Бруклин 136-86, Кливленд – Чикаго 108-105, Торонто – Индијана 125-127, Мемфис – Хјустон 121-113, Њу Орлеанс – Вашингтон 133-126, Далас – Сан Антонио 116-93, Денвер – Сакраменто 98-102, Феникс – Детроит 116-100, Јута – ЛА Лејкерс 122-138, Голден Стејт – ЛА Клиперс 125-130.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

